Со низа пригодни настани, денеска, продолжува културната манифестација „Прличеви беседи“, која годинава се поклопува со 130 годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Григор Прличев.

Утрово  се одржа панихида пред гробот на Прличев, а делегации положија цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во истоименото основно училиште. Специјално за оваа пригода, музичките уметници Џецад и Бајрам Рамаданоски ја подготвија антологиската „1762 лето“.

Во рамки на манифестацијата градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков ќе врачи два примерока од Автобиографијата на Прличевм отпечатена во Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид.

Денеска ќе бидат врачени и наградите на провонаградените литературни творби на Литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“, а вбеседа за Григор Прличев во неговата спомен куќа ќе одржи д-р Александра Ѓуркова.

Во градската библиотека која го носи името на големиот поет ќе се одржи традиционалната „Прличева визита“ и ќе биде прогласена најдобрата беседа за 2023 година на тема: „Прличев и ние“.

Чествувањата попладнево ќе бидат заокружени  со промоција на аудио-записот, есејот: Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски, што ќе се одржи во НУ Библиотека „Григор Прличев“, а вечерва во 19 часот, ќе се одржи свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ “Григор Прличев“ во спортската сала на улилиштето, со почеток во 19 часот.

Наградата „Григор Прличев за Зоран Анчевски

На пригодна свеченост што се одржа вчера во Центарот за култура во Охрид, на поетот Зоран Анчески му беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобро поетско дело за 2022 година. Неговата поема „Коњски житија“ беше избрана за најдобра на конкурсот за најдобро авторско поетско дело што секоја година се доделува во чест на славниот охридски и македонски преродбеник.

Лауреатот рече дека мотивацијата за неговото творечко дело произлегла спонтано, пред се од неговата љубов кон коњите. Токму таа љубов го инспирирала да креира едно поетско дело во интересна форма, во која коњите говорат за човештвото и цивилизацијата.

Тие се еден вид меморија, тивка меморија на нашето постоење на оваа планета кои никогаш во ниедна прилика не ги искажале своите размисли во врска со животот и постоењето. Кога почнав да работам прво морав да направам длабоки истражувања за посебни и особени коњи од битот, од легендата, од историјата, фолклорот. Ги врзав во една структура, на целата поема и претходи Пролог како што е редот, а пеењата се поврзани драмски монолози на посебни коњи, како што реков низ историјата, митологијата,фолклорот и легендите, рече Анчески.

Денес се одбележуваат 130 години од смртта на Григор Прличев

На денешен ден во 1893 година во Охрид умрел Григор Прличев, еден од темелните македонски писатели од 19 век. Љубовта кон книгата Прличев ја добил од неговиот дедо кој му го купил првиот грчки буквар кога Григор имал само четири години. На крајот од својот живот неговиот дедо и оставил завет на мајка му да го испрати Григор на училиште.

Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствувал во Охрид и кој имал големо влијание врз него.

Во 1859 година како студент на втора година по медицина во Атина ја пишува поемата „Сердарот“. Една година подоцна, во 1860 ја добива наградата на големиот конкурс во Атина за најдобра поема на грчки јазик. За оваа поема, Прличев е овенчан со лаворов венес и добива паричен дел. Истата година делото излегува од печат, а тој од стручната критика за делото добива епитет на втор Хомер.

Поетската творба „Сердарот“ се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. Други позабележителни негови творби се „Автобиографијата“ која е напишана во периодот 1883-1890 во бугарската машка гимназија во Солун, каде Прличев учителствувал, а е објавена по неговата смрт, како и словото-есеј „Чувај се себеси“. Тоа се комплементарни книжевни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на „Сердарот“. Со поемата “Сердарот”, историски ја верификувал големината на својот поетски талент. Ова поетско дело и до денешен ден според многу елементи на епското пеење се уште не е надминато.

Прличев заедно со Јаким Сапунџиев го започнал народниот подвиг во Охрид за воведување на народниот јазик во училиштата, односно борба против Цариградската патријаршија и нејзиното влијание. Во 1868 г. турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика.

Едно од поважните негови дела е и песната „Во илјада седумстотини шездесет и второ лето“ , која ја објавува во 1872 година во цариградскиот весник „Читалиште“ која подоцна е преобјавена и во неговата „Автобиографија“. Во цариградскиот весник „Право“ во 1872 година е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов „Воспитание“ или 12 наравствени песни.

OhridNews