Лошо изненадување и разочарување за иднината на ортопедијата, трауматологијата и неврохирургијата претставува содржината на писмената информација што ја објави OhridNews од Министерството за здравство во врска со идната намена на новото болничко крило во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, во која не информира дека дел од интервентната кардиологија од „Св.Стефан“ ќе се пресели во СБОТ „Св. Еразмо“.

Немањето на јасен став во изминатиот период на Министерството за здравство во однос на оваа проблематика, остава впечаток дека во Министерството постои сива зона, од која и не може да се очекуваат транспарентни, развојни здравствени политики. Надлежните делуваат како да не се заинтересирани за реалната проблематика, како да не знаат што им се случува во нивниот сектор и како да се под влијание од „нејасни“ политички, здравствени или бизнис структури со сомнителни интереси.

Зошто оваа ситуација треба да не загрижи нас, сите оние кои работиме или пак се лекуваме во познатата „Костозглобна“? Квалитетот на животот е тесно поврзан со квалитетот на здравственото лекување кое можеме да го добиеме. Секој од нас во некој период е пациент и токму поради тоа, секој треба да се загрижи и да изгради свој личен став за здравствените политики кои се создаваат во нашето општество.

Двете специјални болници во своето досегашно работење претставуваат добар пример како треба да функционираат. И двете болници имаат добар квантитет и квалитет во изведувањето на своите здравствени услуги во обезбедените можности од нашиот здравствен систем. Од тука се наметнува прашањето, зошто потребата за било какво спојување, физичко или правно на двете институции? Патем, во крајно нејасен, нетранспарентен проект. До сега немам чуено за соединување на кардиологија и ортопедија во ниту еден здравствен систем од развиените земји. Очигледно некој е подготвен да експериментира дури и на ваква тематика, воден од „нејасни“ мотиви.

Главниот аргумент за започнувањето на овој нејасен проект, од времето на министерот Тодоров, беше дека Заводот за кардиологија „Св. Стефан“ може да го загуби својот објект на истоимената локација и поради тоа им се потребни нови простории. Тој аргумент веќе не е валиден, бидејќи и самото министерство не информира дека болницата ќе остане и со стариот објект и плус со новото крило во СБОТ „Св. Еразмо“. Зошто развивањето на инфраструктурата за кардиологијата не се оствари на нивната локација, а новото крило целосно не припадне каде што и припаѓа, на СБОТ „Св. Еразмо“, со што би се зголемил стандардот, квалитетот и квантитетот на ортопедијата, трауматологијата и неврохирургијата? Интересно е и тоа што новото крило, кое некој планира да го одземе од СБОТ „Св. Еразмо“, до фаза на карабина е изграден и со средства од самопридонес на вработените од таа болницата во одреден период.

Како еден од помладите доктори вработен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ не можам рамнодушно да седам и да гледам како сивите зони во здравството ја хендикепираат иднината и развојот на болницата и наместо амбициозно да напредуваме, ние стагнираме или пак назадуваме, само заради тоа што некој избрал дека ортопедијата во Охрид не заслужува подобри услови, па си одлучил тука да инсталира нечија друга испостава сега, а во иднина можеби и нешто друго?!

Премногу е наивно да не можеме да ја видиме контурата на иницијаторот, пропагаторот, агитаторот за спроведување на овој, само него допадлив проект; и мора да се признае дека фасцинантно успева и во времето на Тодоров, а и сега за време на Филипче да ги мутира по втор или трет пат неговите ставови во корист на своите амбиции и интереси.

Лошите здравствени политики и проекти од времето на Тодоров треба да се прекинат, да се променат и подобрат, а не сервилно да се продолжат, зошто тогаш нели, нема разлика.

Со почит,
Д-р Атанас Поп-Стефанија

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите

Дел од Интервентната кардиологија од „Св.Стефан“ се сели во „Св. Еразмо“