Засега нема ништо од олабавување на мерките во сместувачката дејност, кое се очекуваше токму од овој викенд. Порастот на бројот на новодијагностицирани случаи со Ковид 19 ги врати на сила рестриктивните мерки.

Повторното воведување на полициски час ги загрижи охриѓани дека може да предизвика зголемен прилив на граѓани од општините кои се жаришта на коронавирусот. Од друга страна, пак, на интернет можат да се забележат огласи за сместување, а понудата регуларно ја има и на специјализираните сајтови. Но, пазарниот инспекторат предупредува дека се уште не е донесена уредба за олабавување на мерките за сместувачките капацитети. Тоа значи дека ниту големите капацитети, ниту приватните станоиздавачи не смеат да издаваат соби.

Пазарната инспекција постојано е на терен од 12 март и продолжува со контрола во согласност со своите ингеренции и можностите. Од искуствата во регионот охриѓани се најдисциплинирани во почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот и се надеваме дека ќе остане така и овој викенд кога се враќа и полицискиот час. Ние остануваме на терен со дежурни екипи кои, меѓу другото, ќе ги контролираат и сместувачките капацитети. – изјавија за OhridNews од подрачната единица на Пазарниот инспекторат во Охрид.

Од инспекторатот предупредуваат дека изнајмувањето објекти или соби за сместување претставува кривично дело по член 206 од Кривичниот законик, за што е предвидена и висока парична казна, која за приватните лица започнува од 100 глоби (2000 евра) па нагоре во зависност од имотната состојба и примањата на прекршителот, а за правните лица предвидена е соодветна постапка. Висината на казната ја одредува судот на предлог на јавен обвинител, информира Пазарниот инспекторат.

Г.М.