Со бројни активности кои се насочени кон подигнување на свеста на населението за придонесот кој секој еден поединец може да го даде за подобрување на животот во заедницата, Црвен крст Охрид ги одбележува Светскиот ден и Неделата на Црвен крст и Црвената полумесечина.

Во оваа насока, денес, во чест на 8 мај 1828 година, денот кога е роден основоположник на идејата за движењето на Црвениот крст Анри Динан, претатвници од Црвен крст Охрид и од Општина Охрид положија свежо цвеќе пред бистата на Динан пред седиштето на Црвен крст Охрид.

Многу е важно да се истакне и промовира дека секој поединец е дел од заедницата и може да придонесе многу. Ова го правиме преку целата година, но во текот на оваа Недела потенцираме особено младите, но и сите нашите сограѓани да бидат дел од хуманост, дел од нашите активности, бидејќи само така можат да се изразат позитивно. Знаеме во какво опкружување, во каков свет во глобални рамки живееме, колку тешки и големи предизвици имаме, но сепак не се откажуваме. Овогодинешната порака „На страната на хуманоста“ сугерира дека треба да бидеме што побројни за да придонесеме добрината и човештвото да бидат пред се во нашето опкружување и насекаде низ светот, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, ја истакна соработката што како општина ја имаат со Црвен крст Охрди во насока на развој на хуманоста.

Навистина треба да ни биде во преден план хуманоста и она што го имаме како заедничка цел, а тоа е помош на граѓаните, на сите ранливи категории, и се тоа што ние го имаме како надлежност во однос на Советот на Општина Охрид и активностите кои ги реализираме заеднички со Црвен крст Охрид. Хуманоста, добрината и сите овие активности нека траат во оваа Недела на Црвен крст. Во тој знак и денешнот ден се одбележува како поддршка за сите граѓани и како една заедничка порака која ја упатуваме со Црвениот крст, рече Божиновски.

Во рамки на активностите за одбележување на овие два настани Црвен крст Охрид распиша Конкурс за проза, поезија и литературни творби за учениците од основните и средни училишта. Вчера беше одржана крводарителска акција на Факултетот за туризам и угостотелство Охрид, додека во понеделник, 12 мај, од 9 часот ќе биде организиран Отворен инфо ден во седиштето на Црвен крст Охрид. Истиот ќе биде наменет за децата од предучилишните установи и учениците од основните училишта во Охрид и Дебрца, каде преку промотивни материјали и видео проекции ќе се запознаат со мисијата на движењето на Црвениот крст, со активностите на Црвен крст Охрид и како се станува волонтер на Црвен крст.

Од денес до 15 мај ќе се реализираат и хуманитарни активности со наши сограѓани при тоа истакнувајќи ги нивните дела на хуманост кои придонеле за побрување на животот во заедницата.

Во текот на оваа недела ќе видите за наши сограѓани кои навистина придонесуваат за развој на хуманоста и поттикнување на истата кај другите. Нашите дисеминатори во овој период ќе одржат и неколку работилници и сесии со најразлични целни групи каде ќе можат да ги искажат своите знаења со цел да се поттикне хуманост и да се научи што значи ова најголемо светско движење со преку 20 милиони волонтери во 192 држави во светот, додаде Точков.

Н.С.Ј.