Во сеќавање на починатиот колега Борис Ѓорѓиоски OhridNews го реобјавува разговорот со него, што во 2008 година го реализираше Александра Ристоска. Во тој период Ѓорѓиоски се уште беше активен новинар, дописник на МИА од Охрид пред пензија и координатор на регионалниот центар на Здружението на новинари на Македонија за Охрид и Струга.

„Кога би се вратил на почеток и кога би требало да размислам што ќе работам, би одлучил да не бидам новинар, на ова место и во ова време“, вели Борис Ѓорѓиоски. Според него, вредностите во општеството денес се поместени, па и новинарството не е она што некогаш беше.

Иако чекори во седмата деценија, Борис Ѓорѓиоски, сепак не пречека со младешки дух, ведар и насмеан, во ресторанот „Стар Чинар“, местото договорено за нашата средба. До почетокот на разговорот, друштво му правеше дневниот весник, а во тоа се уверивме кога во куси црти ни ги раскажа дневните вести.

За што најповеќе би зборувал, ако не за новинарството, неговата животна определба, професијата од која се пензионира, но не престана да ја работи. Скромен како и секогаш, но овој пат, го замоливме да ни каже нешто повеќе за себе,за својот живот, за своите пасии…сликањето и риболовот.

Првата младешка љубов, сликарството, Борис набрзо ја заменува со новинарството, ама никогаш не ја заборава.

„Прво бев запишан на ликовна акдемија во Белград, но се откажав бидејќи новинарството ме привлекуваше повеќе и заминав во Загреб на студии. Останав една година на политичките студии, отсек новинарство од каде што и ден-денес ми остана да пишувам на латиница, за што и ми заблежуваат“, раскажува шеговито Ѓорѓиоски и додава дека студиите ги продолжил во Белград и завршил меѓу првите во генерацијата.

Радио Белград, за него е одлична школа за новинарство. По кусото волонтирање во „Политика“, добива уредничко место во Радио Младеновац, а потоа станува и дописник на Радио Белград од Скопје. По распаѓањето на поранешна СФРЈ, се враќа во Охрид и го отвора радиото МСБ. Вели, беше слушано, но работеше во време на економска криза, па големите долгови беа причина за неговото затворање. Но, тој и натаму не може да се откаже од новинарството. Станува дописник на државната новинска агенција МИА од Охрид. При обидот да дознаеме нешто повеќе за него, тој упорно не враќа на новинарството. Потреба или желба, сепак, на прво место за разговор ја става оваа професија, а потоа и останатото во животот.

„Учев од мојот професор Сергеј Лукач, од Горан Милиќ и од други врвни новинари во тоа време, но најмногу се учи од оние кои што заталкале во новинарството. Од нив учиш како не треба да пишуваш“, вели Борис. И повторно во неговиот стил, мафтајќи со едната рака објаснува: „ Знаете, новинарството и сексот се исти-и во двете работи секогаш мора да се докажувате. Нема импровизации.Младите новинари треба да знаат дека кога ќе се објави текстот на радиото, телевизијата или во печатот, најпрвин новинарот треба да биде задоволен од тоа што го напишал. Ако тоа помине незабележливо и кај аудиториумот, тогаш ништо не направил“.

Борис не ги сака дневните здодевни настани. За него не е важно да се покрие еден настан, само колку да рече дека нешто е сработено. Во Радио Белград е познат по своите интервјуа и репортажи.„ Постојано разговарав со луѓето, а најмногу со децата, кои се одлични соговорници, но само доколку имаш адекватен пристап кон нив“, вели тој.

Дружењето со природата и со луѓето го остварува не само преку новинарството, туку и преку сликањето и риболовот. „Имав две пасии во животот, сликарството и риболовот. Сега имам повеќе време за сликање и целосно сум посветен на платното и боите, но и на инспирацијата Сликам дома, а понекогаш ги исклучувам и телефоните. Се релаксирам преку спортскиот риболов. Го сакам зашто преку него се дружам со природата и со луѓето“, кажува нашиот соговорник.

Меѓу своите колеги важи за човек кој е дружељубив, кој честопати знае да си направи шега на своја сметка, ама знае да се пошегува и со другите, но ретко му се лутат. Монотонијата при долгото чекање на новинарите за изјави умее да ја разбие со некоја стара народна песна.

Малку зборува за себе, за својата приватност, но овој пат нашиот обид да дознаеме со што уште се гордее на себеси, не останува залуден. „ Ги сакам и цвеќињата. Јас прв ја донесов „кливијата“ во Охрид, а сега ја има во повеќето цвеќарници. Како ученик, од екскурзија во Словенија ја донесов и сината келераба, а мислам дека сум првиот во Охрид и Македонија кој започна да ги размножува пираните“, ја задоволува нашата љубопитност, преку неговиот препознатлив стил, низ шега.

Борис е голем љубител на цвеќето

Контактот со природата продолжува и натаму. Како координатор на регионалниот центар на Здружението на новинари на Македонија, пред него стојат два проекта за заштита на животната средина кои треба да се реализираат во соработка со невладините организации, како и државните и локалните органи.

Нашата средба завршува со смеа, така како што впрочем завршува секоја средба со Борис Ѓорѓиоски. Љубезно се заблагодарува за отстапениот простор во нашиот електронски весник. „Следниот пат, вели Борис, јас частам кафе“. Се поздравуваме, а јас продолжувам да се смеам и натаму. Српско-хрватските зборови во неговиот изговор ме навраќаат на неговата ракописна латиница. Од него никој не може да препише ништо.

OhridNews
Александра Ристоска/јуни 2008г.

Почина новинарот Борис Ѓорѓиоски 

ЗНМ: Со заминувањето на Борис Ѓорѓиоски медиумска заедница во Охрид загуби голем професионалец