Кои се моменталните предизвици со кои се соочува Западен Балкан и каква е состојбата со институциите на ЕУ, како глобални актери во регионот? Како Западниот Балкан ја доживува ЕУ политиката на проширување? Пет регионални и ЕУ експерти се обидоа да одговорат на овие прашања, во текот на живата и отворена, онлајн дискусија со наслов „Проширувањето на ЕУ – Quo vadis ?“. Панел дискусијата е дел од овогодишниот Европски форум Алпбах во Австрија, која во име на германската влада ја поддржува Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Добри вести дојдоа од Брисел во март годинава, кога Европскиот совет одлучи да ги отвори преговорите со Албанија и со Р.С. Македонија. На прашањето, кога овие две земји може да ги отворат првите поглавја од преговорите и како ова може да влијае на процесите на ЕУ интеграција во Црна Гора и во Србија, Мајлинда Брегу, генерален секретар на Советот за регионална соработка, вели: „Западен Балкан не може да се држи на растојание, дофат на раката. За да се задржи влијанието на ЕУ во регионот, потребен е политички процес, и само заедно, ЕУ и Западен Балкан, можат да постигнат резултати.“

Мартин Селмаир, шеф на претставништвото на Европската комисија во Австрија, смета дека проширувањето на ЕУ е огромен историски успех и оти така може да остане, само доколку постои решеност околу европската перспектива кај обете страни.

Ние мора да го одржиме нашето ветување. Оној што во екот на кризата со Корона флертува со други сили во светот, не е сериозен кога станува збор за европската перспектива. Вториот услов е искреноста. Да се ​​каже дека Албанија и Р.С. Македонија ќе влезат во ЕУ за две години, би било несериозно. ЕУ е заедница во која владеат законите, заедница на вредности кои зависат од владеењето на правото. – вели Селмаер.

Селмаир нагласува дека нерешените територијални прашања, не можат да се внесуваат во ЕУ.

Процесот на проширување не треба да ја ослабува ЕУ, туку да ја зајакнува и ЕУ мора да го заврши својот дел од работата и да се реформира. Солидарноста која ја покажавме за време на пандемијата на Ковид-19, ќе продолжи. Квалитетно завршената работа на обете страни, а не временските рокови, треба да го одредува процесот и да биде во интерес на земјите кои сакаат да ѝ се придружат на ЕУ. –  заклучува Селмаер.

Регионалната соработка и поврзаноста функционираат. Младите луѓе од Западен Балкан сакаат да комуницираат и да се поврзуваат, вели Ѓуро Блануша, генерален секретар на Регионалната младинска канцеларија за соработка.

Проширувањето е процес заснован на вредности. Потребни ни се конкретни реформи и да се фокусираме на резултатите.  –  рече Блануша.

ЕУ не е целосна без Западен Балкан. Австрија е гласен лобист за проширувањето на ЕУ – тежок процес за кој треба отворено да се разговара. Потребно е земјите во регионот да го зајакнат владеењето на правото, да и се спротивстават на корупцијата и да спроведат вистински реформи.

Ние треба да му покажеме на Западен Балкан дека ЕУ е одговорен партнер. Тука сме, и од исклучително значење е да ги поврзуваме луѓето и да гледаме кон иднината. – нагласува, Каролин Едстадлер, австриски министер за ЕУ ​​и уставни прашања.

Поголемата економска модернизација и посилната регионална економска интеграција, ќе го направат регионот поконкурентен и попривлечен за инвестиции, смета Емир Ѓикиќ, директор на Секретаријатот на Централноевропскиот договор за слободна трговија, ЦЕФТА.

Економиите на Западен Балкан, би имале голема корист од единствениот пазар на ЕУ. Побрзата трговија со стоки и услуги низ целиот регион, со смалени трошоци, ќе ја подобри конкурентноста и ќе создаде можности за инвестирање“. Тоа би помогнало и во решавањето на другите прашања, како што се синџирот на снабдување, враќањето на производството во Европа и заминувањето на младите од регионот. – заклучи Ѓикиќ.

Кога регионот е решен да работи и да соработува, можно е да се постигнат големи успеси. На пример, воспоставувањето на „зелените коридори“, со кои се обезбеди брз проток на есенцијалните производи преку копнените граници ширум Западен Балкан, среде пандемијата на Ковид-19, почнувајќи со 2.000 камиони во април, а денес границите дневно ги минуваат 13.000 камиони, е доказ дека регионалната соработка и солидарност, се патот за напредок.

Во 2007 година, ГИЗ, за Западен Балкан, го основа Отворениот фонд за Југоисточна Европа (ОРФ), кој го поддржува развојот на регионот во различни сектори, на патот кон ЕУ. И оваа панел дискусија заеднички ја организираа два регионални ГИЗ проекти, проектот за за промоција на европските интеграции по пат регионална соработка и проектот за надворешна трговија, кои ќе продолжат да даваат поддршка на регионалните организации и иницијативи.

Модернизацијата на економиите во регионот, намалувањето на развојните нееднаквости, спроведувањето на неопходните фундаментални реформи, со поголем фокус на владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација, ќе донесат конкретни резултати за граѓаните, додека регионот ќе напредува кон членството во ЕУ. Регионалната соработка нуди можности за пронаоѓање на заеднички решенија за заедничките предизвици. Никој не губи, а сите може да добијат многу благодарение на силната регионална соработка, која нуди промени и помага да се најдат решенија на предизвиците што претстојат, особено кога станува збор за закрепнување од пандемијата, додека заеднички ја градиме иднината, беше речено на онлајн дискусија посветена на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

OhridNews