Милано, економски најразвиениот град во Италија и еден од најголемите светски модни центри е дом на два големи фудбалски клуба со армија навивачи во и надвор од земјата, Интер и Милан. Ривалството помеѓу овие два тима е старо колку и самите тие, над сто години. Интеристите велат: „Интераш не се станува, туку се раѓа!“, слична е приказната и на „росонерите“.

Фудбалот во Италија е религија, а Интер и Милан икони на храмот „Сан Сиро“ или „Џузепе Меаца“. Стадионот е еден ист, ама миланистите преферираат да го викаат „Сан Сиро“, а „нероаѕурите“ „Џузепе Меаца“, по легендарниот фудбалер кој го има носено дресот на двата клуба. Неизмерно го почитуваат и едните и другите, впрочем навивачите на Интер и Милан, како ретко каде во светот имаат почит кон градскиот ривал.

Ако на балканот е незамисливо на градско дерби да се прошетате со дрес на противнички клуб пред трибината на најверните навивачи на домаќинот, во Милано тоа е вообичаена слика. Навивачи, едни во дрес на Милан, други на Интер заедно пијат пиво пред натпревар, разговараат и се забавуваат, без насилство и инциденти. Пред стадионот има „тезги“ на кои се продаваат сувенири од двата клуба. И на трибините ќе забележите како едни до други седат навивачи на лутуте ривали, освен, се разбира на северната трибина која е резервирана за најжестоките фанови на Интер, односно јужната, каде се најверните навивачи на Милан. Секој навива за својот клуб, со срце и душа, жестоко, се нервира, се радува, тагува, и толку. Нема пресметки и инциденти на трибините.

Пред неделното големо дерби, кое инаку беше распродадено (над 80.000 навивачи) забележително беше зголмено присуството на полицијата која најмногу работа имаше во регулирањето на сообраќајниот метеж околу стадионот. 

Атмосферата на стадионот фантастична. Навивачите на Интер, кој беше домаќин на дербито, доминираа заради бројноста. Познати се по извонредните кореографии, а репутацијата ја потврдија и на неделното дерби. 

Големото градско дерби (Derby della Madonnina) го реши еден гол, еден фантастичен потег, еден момент на среќа за неизмерна радост на сино-црната армија навивачи на Интер кои славеа до доцна во ноќта. 

Интер и Милан веќе неколку години не се во врвот на европскиот фудбал, каде жареа и палеа во минатото. Не се ниту во врвот на италијанскиот фудбал, но оваа година и едните и другите имаат амбиции да се вратат таму каде што им е местото. Засега подобро му оди на Интер кој по победата од 1:0 во градското дерби со голот на Гуарин има стопостотен учинок по три одиграни кола. Милан кој имаше свои прилики за победа во дербито има само 3 бода, но потенцијалот на „росонерите“ кои имаат нов состав е несомнен, потребно е време. Милан гори од желба за одмазда за неделниот пораз, на што ќе мора да сочека до јануари. До тогаш владател на Милано е Интер, кој е и лидер на табелата во Сериа А. 

На дербито во Милано присуствуваа навивачи на двата клуба од Македонија, меѓу нив и охриѓани. Како и Италијаните и тие си подадоа рака по дербито, имаше се разбира и по некоја шега на сметка на поразениот, ама така е тоа во фудбалот, неизмерна е радоста да се слави победа во дерби, а ѓаволски тешко е да се загуби. Сепак тоа е само спорт – игра во која треба да се ужива, да се навива од срце за својот тим, а противникот да се респектира. Ете такво е миланското дерби, за балканците можеби необично, оти и „маалска утакмица“ кај нас знае да заврши со скршени глави. Затоа не случајно дербито Интер –Милан е едно од најголемите вечни дербија во светот. 

Горан Момироски 
посебна благодарност до Дарко Климоски