Наша цел е постојано да вложуваме во модернизација на спортските објекти, кои се главен ресурс за функционирањето на постоечките спортски клубови и важен сегмент за развој на спортскиот туризам, рече на денешната прес конференција Сашо Ставрески, презентирајќи дел од предизборната програма на кандидатот за градоначалник Константин Георгиески.

  • Веќе имаме преземено конкретни мерки на ова поле. Во соработка со ФФМ и УЕФА, ги започнавме потребните процедури за реконструкција на постојните и изградба нова трибина на фудбалскиот стадион во СРЦ „Билјанини Извори“. Вредноста на овој проект, изнесува 800.000 евра и со неговата реализација, Охрид ќе добие услови за организација на поголеми спортски настани. Исто така започна изградбата на спортска сала во ЕМУЦ „Свети Наум Охридски”, а во Програмите за образование е предвидена изградба и на спортски сали и во основното училиште„Кочо Рацин”, во основното училишпте„Ванчо Николески” во село Лескоец и во Угостителското училиште „Ванчо Питошески”, рече Ставрески.

Додаде дека во насока на подобрување на условите за спорт, се дава континуирана поддршка на Ракометниот клуб „Охрид” и Општинскиот фудбалски клуб „Охрид Лихнидос”како и на многу други спортски клубови во градот.

  • Исто така во рамки на активностите посветени за развој на спорот, извршена е санација на просториите на ФК „Лакочереј“ и ФК „Воска“ како и реконструкција на трибините и теренот со вештачка трева. Постојано даваме поддршка на спортските настани кои се од големо значење за Охрид. Веќе се издвоени средства од општинскиот буџет за овогодинешните изданија на Охрид Трчат, Охридскиот пливачки маратон, Балканското првенство-Триатлон, Охрид Траил, Баскет Турнирот 3 X 3, Веслачката и Едриличарската регата. Во насока на подобрување на условите за спорот, планираме да изнајдеме начини за изградба на нов спортски комплес кој ќе биде во форма на придружен објект на постоечкиот спортски центар „Билјанини Извори“. Комплексот ќе има затворени и отворени спортски објекти, кои ќе располагаат со сите потребни инсталации, реквизити и опрема наменети за изведување на различни спортско-рекреативни активности, рече Ставрески.

Информира дека програмата предвидува поведување иницијатива, Охрид конечно да добие соодветен Центар за развој на водените спортови, со цел да се поттикнат младите да спортуваат, а се планира и обновување на веќе постоечките спортски терени во населбите и изградба на нови спортски игралишта на неколку локации.

OhridNews