Светата православна Црква на денешен ден го празнува споменот на светите маченички Софија, Љубов, Вера и Надеж.

Римјанките, трите сестри Љубов, Вера и Надеж и нивната мајка Софија живееле во времето на императорот Хадријан, во првата половина на вториот век по Христа. Во тоа време биле вршени големи прогони на христијаните, и тогаш биле приведени и Софија и нејзините три ќерки Љубов, Вера и Надеж.

Заради одбивањето да принесат жртви пред празниот идол на Артемида, Љубов, Вера и Надеж биле ставени на маки пред очите на нивната мајка и најпосле им биле отсечени главите. Мајката Софија ги зела и ги закопала телата на своите три ќерки и откако поминала три дена и ноќи во молитви над нивниот гроб, го предала својот дух на Бога.

По повод празникот посветен на великомаченичките Св. Софија, Љубов, Вера и Надеж, денеска (четврток), во истоимената црквичка во населбата Лагадин крај Охрид, со почеток во 13:30 часот, ќе се одржи традиционалниот црковно – народен собир. Црковниот одбор упати апел до верниците да ги почитуваат мерките на заштита од Ковид 19, задолжително да носат заштитна маска и да држат растојание.

Јасминка Момироска