
Светиот маченик Трифун е роден во Кампсада во Тригија. Во детството чувал гуски, но уште тогаш се истакнал со исцелителска способност. Лечел болни од разни болест и од луѓето ги бркал лошите демони. За неговите чуда се расчуло надалеку, поради што бил викнат во Рим кај царот Гордијан за да ја излечи неговата ќерка Гордијана која што страдала од душевна болест и која што не можел да ја излечи ниту еден лекар. Трифун за кусо време ја излечил и се стекнал со уште поголема слава. Со маченичка смрт умрел за време на царот Деције на 21-годишна возраст. Меѓу населението празникот Свети Трифун главно е познат по обредното закројување на лозјата.
Во некои краишта на Македонија како што се Охрид и Прилеп, празникот е познат како Трипун пијаница. Според народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.) поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.

Јасмина т. Момироска











