Православната црква денеска го одбележува денот кога биле пренесени моштите на Св. Никола во Бари.

Во времето на царот Алексеј Комнен и на патријархот Никола Граматик, во 1087 година телото на овој светител било пренесено од Мира, Ликија (Мала Азија) во градот Бари во Италија. Тоа се случило пред налетот на исламот во Мала Азија. Светителот му се јавил во сон на некој чесен свештеник во Бари и му заповедал неговите мошти да се пренесат во тој град. Во тоа време градот Бари бил православен и под православен патријарх. При преносот на моштите на Светителот се случиле многу чуда, како од допирот на моштите така и од мирото коешто изобилно се леело од нив. На овој ден уште се споменува и чудото извршено над српскиот крал Стефан Дечански, т.е. како Свети Николај му го вратил видот на слепиот крал Стефан.

Црквата Св.Никола во Бари во која почиваат моштите на светителот

Св. Никола Мирликиски Чудотворец е важен лик во христијанската религија. Потекнува од областа Мира во Ликија. Роден е кон крајот на III век, учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година каде што удирајќи му шлаканица го посрамотил еретикот Арие, кој проповедал друго верување.

Доживеал длабока старост и умрел во 343 година. Бил погребан во Мирa, а подоцна  неговите мошти биле пренесени во Бари, Италија, во 1087 година.

Криптата со моштите на Св. Никола

Покрај овој ден православната црква во чест на Св. Никола го празнува и 19 декември.

Преносот на моштите на светителот во Бари се прославува и по Јулијанскиот и по Грегоријанскиот календар.

Кипот на Св. Никола кој се носи на процесијата во Бари

За прв пат, откако почиваат таму, во 2017 година моштите на Св. Никола беа изнесени од Бари. Со специјален лет тие беа пренесени во Москва, Русија, каде беа изложени во црквата на Христос Спасителот.

Јасминка Т. Момироска