Македонија забележува рекордна статистика во растот на туризмот преку авиосообраќајот во услови на светска криза, исклучителен успех што е препознаен од страна на Светска банка. Успехот и растот на авиосообраќајот во Македонија е нотиран во анализата на Светска банка за раст на туризам, вели министерот за транспорт, Александар Николоски.

Со раст од 40% на годишно ниво, Македонија е препознаена како најдобар пример за држава со најголем раст во патници на пристигнување во Европа и Централна Азија. Со мерката за субвенционирање на нови авиолинии и успесите што ги постигнуваме, Македонија е позиционирана на врвот во привлекување нови туристи и придвижување на економијата преку туризмот. Овие успеси се потврдуваат и преку работата на охридскиот аеродром каде само во еден ден опслужени се рекордно преку 3 илјади патници, што за аеродром од овој тип е огромен успех. Продолжуваме во следниот период со уште повеќе инвестиции во авиосообраќајот и туризмот, вели Николоски.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос туристичката сезона која е во полн ек посочи дека владините мерки и владината иницијатива за привлекување на туристи носи резултати.

Имаме голем скок кај доаѓањата на нашите аеродроми. Тоа, впрочем го нотира Светска Банка во „Tourism watch“ во последната едиција од овој извештај, објавено во јуни 2026 година во којашто ја рангира Македонија како прва земја во Европа по зголемениот процент на доаѓања на гости и зголемениот процент на странски доаѓања и преноќувања, нешто што за нас е навистина импресивно. Тој процент е 40%, споредено со претходната година. И тоа е за нас големо признание, посебно што тоа учествува во Бруто домашниот производ и јас очекувам веќе тоа да се забележи во Бруто домашниот производ во вториот квартал од оваа година, истакна Мицкоски.

Инаку, на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид во една смена успешно беа опслужени 3.036 патници и реализирани 20 летови, што претставува најфреквентна смена во историјата на аеродромот.

Овој рекорд, посочуваат од ТАВ Македонија е резултат на посветеноста, професионалноста и тимската работа на вработените и партнерите, кои и во услови на зголемен обем на работа обезбедуваат безбедно, ефикасно и непречено патничко искуство. Воедно, додаваат дека продолжуваат да инвестираат во иднината на Охридскиот аеродром, додека истовремено поставуваат нови стандарди во оперативната извонредност.

Н.С.Ј.