Стефаноски попладнево пристигна на Градското пристаниште во Охрид, откако ја исплива предвидената делница од Градиште. На целта беше пречекан од граѓани и поддржувачи на иницијативата, како и од претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.

Под мотото „Со спорт до инклузија – кога еден пливач плива за сите“, денешниот спортски подвиг имаше пред сè хумана мисија, да испрати порака за прифаќање, еднаквост и рамноправно вклучување на лицата со атипичен развој во општеството.

Подвигот го направи на денот кога се навршуваат 17 години од историското препливување на Ла Манш. На 14 август 2009 година тој го преплива каналот за 7 часа и 42 минути, остварувајќи еден од најголемите успеси во својата богата пливачка кариера.

Последните три години Стефаноски ја одбележува годишнината од големиот спортски подвиг на поинаков начин, со цел да го насочи вниманието кон лицата на кои им е потребна поголема поддршка и видливост во општествето.

Хуманата приказна започна во 2024 година, кога по повод 15-годишнината од препливувањето на Ла Манш, Стефаноски преплива 15 километри во Охридското Езеро, со цел подигнување на свеста за подобри услови и поголема вклученост на лицата со атипичен развој и лицата со инвалидитет во спортот и физичкото образование. Иницијативата продолжи и минатата година, а денешното пливање беше трет ваков хуман предизвик.

Пораката и овојпат беше гласна, инклузијата не треба да остане само збор, туку да значи конкретна поддршка, прифаќање и заедништво, а различностите да се препознаваат како вредност, а не како пречка.

OhridNews