Иако јулската вечер синоќа во Опеница повеќе потсетуваше на доцна есен отколку на лето, а температурата се спушти под 10 степени поради студениот бран што вчера го зафати Охридскиот регион, публиката не дозволи студот да ја оттргне од едно од највпечатливите изданија на „Summer Comedy Marathon 2026“. Напротив, речиси три часа се смееше без престан во уникатниот амбиент на Monastery Winery, каде кабаре шоуто „Two Mothers Brothers & Two Cousins“ уште еднаш потврди зошто повеќе од една деценија има култен статус кај љубителите на интелигентниот хумор..

Нивниот оригинален концепт, изграден низ годините, преку авторски хумор, остра сатира и духовити пародии на познати музички хитови, ги опсервира и анализира секојдневните општествени појави, аномалии и апсурди. Без политички пароли и без евтини шеги, „Two Mothers Brothers“ повторно ги отворија темите што најмногу го засегаат обичниот човек, преточувајќи ги во смеа што допира до публиката токму затоа што зад секоја шега се крие препознатлива животна вистина.
Речиси зимската температура не беше пречка за бројната публика, која до последниот аплауз остана во дворот на винаријата, впивајќи ги духовитите реплики и музичките интермеца што предизвикуваа смеа, но и тивко одобрување за прецизните опсервации на македонската реалност.
Шоуто „2 Мothers Brothers and 2 Cousins“ повторно ќе биде изведено на 10 август во НУ Центар за култура „Григор Прличев“.
Фото галерија:
Вечерва, пак, на „Summer Comedy Marathon“ ќе гостува Небојша Груиќ од Србија со стендап шоуто „Криза средњих година“ кое ќе биде изведено во Cinema Food & Bar – Струга. Станува збор за комедија за сите животни фази во кои човек сфаќа дека веќе не е млад, ама сè уште не е подготвен да биде сериозен.
Карти за шоута во рамки на „Summer Comedy Marathon“ може да се купат на страната www.hahaha.mk или да се резервираат на тел. бр. 075/283-066.
Г.М./Н.С.Ј.
Фото. Анамарија Момироска


















































































