Околностите не дозволуваат јубилејното шеесетто издание на најзначајната културна манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“ да ги планира своите активности и одржување во стандардниот и традиционален термин од 12 јули до 20 август. Оваа година за прв пат во постоењето Фестивалот ќе се одржува во термин различен од вообичаениот и согласно условите наметнати од епидемијата на Ковид 19.

Според планот на управата на националната установа, предвидено е скратено издание на фестивалот кој би се одржал во периодот од 4 август – роденденот на „Охридско лето“, до крајот на месец август. Сепак, се ќе зависи од ситуацијата со епидемијата на коронавирусот.

Фестивалското издание ќе биде со скратена програма, со оглед што отворањето нема да биде на 12 јули, така што доколку бидат реализирани нашите планови за отворањето за 4 август фестивалот би траел некаде докрајот на месецот, со предвидени околу 25 содржини. – вели во изјава за МИА директорката на Националната установа фестивал „Охридско лето“ Наташа Поповиќ.

Заради поголема безбедност на вљубениците во музичката и сценската уметност, предвидените настани на „Охридско лето ќе се организирааат претежно на отворените сцени како Античкиот театар, Долни Сарај, и Предворјето на „Света Софија“, помал број концерти во катедралната црква со строго ограничен и редуциран број влезници.

Поповиќ рече дека комуникацијата со уметниците кои е предвидено да бидат дел од годинешното „Охридско лето“ се одвива отежнато, но оти тие не ги откажуваат предвидените настапи, изразувајќи уверување дека ситуацијата ќе дозволи нивно доаѓање во Охрид и настап на Фестивалот.

Откако ќе бидат прецизирани сите детали ќе биде објавена и фестивалската програма.

OhridNews