Свети Методиј бил родум од Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија. Како офицер поминал десет години меѓу македонските словени. Потоа се оддалечил на гората Олимп и се предал на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружил и неговиот брат свети Кирил (Константин). Но, кога хазарскиот цар Каган побарал од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот биле пронајдени овие двајца браќа и биле испратени меѓу Хазарите. Откако го увериле Каган во верата Христова, тие го крстиле овој цар и голем број негови доглавници, и уште многуброен народ.

По извесно време се вратиле во Цариград, каде што ја составиле словенската азбука од триесет и осум букви и почнале да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски. На повик од царот Ростислав заминале во Моравија и таму ја распространиле и ја утврдиле православната вера, па ги умножиле книгите и им ги дале на свештениците за да ја подучуваат младината. Подоцна, на повик од папата заминале за Рим, каде што Кирил се разболел и умрел, на 14/27 февруари 869 година.

Методиј во 870 година дошол во Моравија за да го шири христијанството, но Ростислав бил симнат од тронот а Методиј кој останал без заштита бил затворен, а ослободен бил во 873 година со залагање на папата. Чувствувајќи го својот крај во 884 година зел двајца ученици и за шест месеци ја превел Библијата на словенски јазик. Пред смртта го одредил Горазд за свој наследник. Умрел на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. По неговата смрт германските свештеници жестоко се пресметале со неговите ученици. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, а дел биле протерани преку Дунав на југ. Меѓу овие биле Климент, Наум и Ангелариј, а Климент и Наум подоцна дошле во Охрид каде со голема страст го продолжиле делото на своите учители.