Ураганот Доријан ги погоди Бахамите со ветришта од 270 километри на час. Метеоролозите го оценија како разурнувачки и опасен по живот. Според досегашните информации од Меѓународниот црвен крст и од властите во Бахами, оштетени или целосно уништени се речиси 13.000 домови.

Американскиот центар за урагани соопшти дека Доријан се движи бавно, со брзина од два километри на час, што, според објаснувањата, е причина за големите разурнувања на копното.

Властите во сојузните држави на југоисточниот брег на САД издадоа наредби за итна евакуација во делови од Флорида, Џорџија и во Јужна Каролина.

Националниот центар за урагани истакна дека е можно да се намали силата на ураганот и во следните денови тој да тргне кон север и североисток. Сепак, засега се прогласени предупредувања речиси на половина од територијата на Флорида на источниот брег. Очекувањата се дека ураганот таму ќе удри доцна вечерва.

Метеоролозите предвидуваат дека Доријан во текот на оваа недела ќе го погоди поголемиот дел од атлантскиот брег на САД, меѓу кои Џорџија, Јужна и Северна Каролина и Вирџинија. Во реонот на Њу Џерси се очекуваат обилни врнежи.