Советот на општина Охрид неосновано  се компромитира и дискредитира во врска со случајот со спорната зграда на ГП “Трим“ што се гради на булеварот “Туристичка“, која е опфатена со Деталниот урбанистички план -ДУП, за Урбана единица 7, Урбан модул 1, што со тајно гласање беше донесен на 30 седница.

Претседателот на Советот Владо Чингоски, тврди дека Советот не легализирал никаква догоградба, туку само донел урбанистичко решение за тој простор.

Дали тој објект е легален или не, тоа треба да го утврди градежната инспекција. Советот не го интересира дали таму има нелегализирани објекти. Ние добивме измена на ДУП за УЕ7, модул 1 со  сите потребни дозволи од министерствата за транспорт и врски, и за заштита на  животна средина и целата постапка беше законита, поради што точката и беше ставена на дневен ред.Од формално правен аспект нема никаква причина за да не биде донесена таа одлука за измена на ДУП во УЕ 1, ни изјави Владо Чингоски.


Спорната зграда на „Туристичка“

„Проблемот со таа фамозна зграда не е проблем на Советот на општина Охрид, туку на надлежните инспекции, вели Чингоски. Овој модул покрај  спорната зграда опфаќа еден хектар во кој има голем број други објекти и непотребно Советот е обвинет дека легализира нешто и прави некои заткулисни работи“, рече Чингоски.

Сепак тој признава дека тајното гласање на јавна седница фрла сенка на одлуката на Советот. Најверојатно притисокот на медиумите и јавноста дали таа зграда е легална или нелегална влијаеше да се предложи тајно гласање.

„Лично сметав дека немаше потреба од тајно гласање можеше да се гласа јавно секој да си го каже своето мислење, но мнозинството од советниците бараше да има тајно  гласање кое беше спроведено регуларно. Но, тајното гласање секогаш остава дилеми, зошто некој не сака да гласа јавно“, вели Чингоски. Тој тврди дека одлуката е законита и е убеден дека нема да биде оспорена на Уставен суд, бидејќи како што рече во деловникот е предвидено одредени одлуки Советот да може да  ги носи со тајно гласање.

Чингоски смета дека во Советот не постои криза, а напуштањето на седницата на советниците од коалицијата За Македонија заедно и ДУИ според него е демократско право. Тој вели дека ќе бидат направени дополнителни консултации помеѓу советничките групи и дека продолжението на прекинатата седница наскоро ќе биде закажано.