Во „ЕМО“ се изненадени од најавите на Ј.П. „Охридски Комуналец“ кое неодамна промовираше проект за изградба на фабрика за преработка на комуналниот отпад од општина Охрид, која се планира на просторот на кој е лоцирана компанијата за производство на електро материјали. Извршниот директор на „ЕМО“, Зоран Филоски, вели дека никој не ги запознал со иницијативата, ниту пак некој ги контактирал за мислење.

-Оваа идеа прв пат ја слушам од вас медиумите. До сега ниту писмено ниту усно Локалната самоуправа не ме контактирала, ниту ми ја презентирала таа програма. Лично сметам дека таква фабрика за рециклажа и преработка на отпад е добредојдена, но ако имаме во вид дека „ЕМО“ е изграден на поранешна депонија и сега тука повторно да градиме фабрика за отпад мислам дека во најмала рака тоа е многу лоша идеа, изјави Филоски.

Тој истакна дека во моментов се прават напори за ревитализација на „ЕМО“ и дека надлежните во општината воопшто не треба да се размислуваат за изградба на фабрика во отпад на тој простор.

-Се преземаат чекори за продолжување на дејноста што ја обавува „ЕМО“, а не компанијата да ја претвараме во фабрика за отпад. За реализација на таквата идеа локалната самоуправа и останатите структури треба да си најдат друга локација, дециден е Филоски.

Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“, деновиве презентираше проект за изградба на фабрика за преработка на комунален отпад вредна 3,5 милиони евра, која, според најавите, долгорочно ќе го реши проблемот со депонирање на отпадот од општина Охрид. Истиот наместо да се одлага на депонијата Буково која не ги ипсолнува еколошките стандарди, ќе се преработува и од него ќе се добива компост, суровини од хартија, пластика и стакло, како и погонско гориво.

Фабриката, според предлагачот, треба да биде лоцирана во индустриска зона, а најидеално би се вклопила во некоја од фабричките хали на охридски ЕМО. За таа цел, како што беше соопштено на јавната презентација на проектот, локалната самоуправа ќе побара од државата да и отстапи на општината еден од погоните на „ЕМО“, од каде ја отфрлаат таквата можност.

Експертите сметаат дека проблемот со цврстиот комунален отпад е најболното прашање со кое се соочува не само Охрид туку и Македонија. Според нив изградба на фабрика на преработка на комунален отпад, која би била во согласност со Националниот план за управување со цврст отпад, е добро решение.

-Со тоа сме чекор поблиску до Европската Унија која одамна го решила проблемот со цврстиот отпад на одржлив начин. Со ова очекуваме рекултивација – затворање на депонијата Буково и исчезнување на сите депонии особено на западниот влез на градот. Се надеваме дека со ова ќе се подигне и свеста на населението, особено оние несовесните, дека на отпадот треба да се гледа како скапоцен ресурс. Истовремено нам ни дава поголема мотивација да работиме на подигање на јавната свест за намалување на количините на отпад по жител, и дека со овој капацитет нема да бидат изоставени и руралните средини, велат од Еколошкото друштво „Грашница“.

Дали, кога и каде ќе се изгради фабрика за преработка на комунален отпад во Охрид е отворено прашање. Идеа постои, но не е утврдена локација, а недостига и студија за реализација на проектот, која според најавите на предлагачот допрва ќе се изработува.

Г. Момироски