Во општините Охрид и Дебрца денес веќе нема активни пациенти, односно лица позитивни на вирусот COVID-19, информира Центарот за јавно здравје Охрид.

Сите 15 лица позитивни на коронавирус од почетокот на епидемијата, се оздравени. – соопшти Центарот за јавно здравје.

Оваа здравствена установа, во периодот од 01 до 08 мај, зелa материјали (брис грло и нос) за тестирање на присуство на COVID-19 од вкупно 76 лица и тоа по место на живеење: во општина Охрид и Дебрца 24 лица, во општина Струга и Вевчани 34 лица и 18 лица, во општина Дебар и Центар Жупа

Од вкупно земените материјали, 48 се земени по епидемиолошки индикации (лица кои исполнуваат критериуми за дефиниција на случај) (Охрид и Дебрца 22, Струга и Вевчани 24, Дебар и Центар Жупа 2), а 28 материјали зе земени при скрининг тестирањето со упат од матичен лекар-МОЈ ТЕРМИН (Охрид и Дебрца 2, Струга и Вевчани 10, а Дебар и Центар Жупа 16). Од тестираните лица во овој период во општина Охрид и Дебрца не е лабораториски дијагностицирано присуство на COVID-19 кај ниту едно лице, 1 лице од општина Струга е позитивни на COVID-19, а во општина Дебар и Центар нема нови позитивни на COVID-19
Оздравени пациенти од општина Охрид се 9, од општина Струга се 7, а од општина Дебар 2 пациенти. Во Охрид денес веќе нема активни лица позитивни на COVID-19. Во овој период почина едно лице од Струга позитивно на COVID-19. – информира Центарот за јавно здравје.

Од почетокот на епидемијата до денес, 09 мај, лабораториски е дијагностицирано присуство на COVID-19 во општините Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар и Центар Жупа на вкупно 132 лица од кои 15 во општина Охрид и Дебрца, 67 лица во општина Струга и 50 лица во општина Дебар и Центар Жупа.

Оздравени пациенти од Охрид се 15, од Струга се 37, а од Дебар и Центар Жупа се 47 пациенти. Нема починати пациенти од општина Охрид и Дебарца, од општина Струга се починати 14, а од Дебар и Центар Жупа се починати 4. – соопшти Центарот за јавно здравје.

Здравствените работници предупредуваат дека и покрај поволните епидемиолошки параметри во овој момент, особено во Охрид и Дебрца, простор за опуштеност нема и дека епидемијата се уште трае. Посочуваат дека активноста на вирусот се намалува, но коронавирусот циркулира меѓу населението. Затоа апелираат на претпазливост, одговорност, разумно однесување и почитување на мерките и препораките од надлежните установи за правилна употреба на заштитна маска, социјално и физичко дистанцирање, често миење на рацете и избегнување на било какви собири.

Г. М.