На своите последни теренски истражувања познатиот историчар на уметност – советник, конзерватор од Завод и Миузеј Охрид, Гоце Жура, заедно со колегата Горан Патчев – архитект, открија две извонредно значајни икони во манастирскиот комплекс Св. Спас во с. Горно Лакочереј.


На едната икона со димензии 48х30х3 сантиметри која потекнува од 19 век во централниот дел е насликана Св. Богородица со малиот Христос. Во нивна позадина е претставен чудотворецот и заштитник на водите Св. Никола.


Раритет на иконата претставуваат насликаните четири ликови, еден до друг, во долниот дел во посебно врамени полиња. Тоа се Светите воини Димитија и Ѓорѓија со копје во левите раце и маченички крстови во десните. Во средината е насликан Св. Климент Охридски облечен како архиереј со круна на главата и жезло во левата рака, а со десната благословува. Лево од него е претставен Стилијан – заштитникот на болните деца и бездетните родители. Тој со левата рака придржува мало детенце или бебе во повој.


– Имено се работи за уникатна икона која претставува раритет на македонските простори. За жал долниот дел на иконата е уништен па не е можно да се открие запис за овој извонреден зограф што ја насликал оваа чудесна икона, изјави за  OhridNews, историчарот на уметност Гоце Жура.


Втората икона со димензии 74х40х3 сантиметри има уште поголема историска и уметничка вредност. Се работи за литиска икона (сликана од обете страни) и од првичните анализи е датирана во средината од 17 век.


Од едната страна е насликана Св. Богородица со Христос во својот вообичаен став. Другата страна пленува со својата извонредна уметничка изведба. Целата икона е изработена во плиток релјеф (резба). Во средината е насликана Св. Богородица со малиот Христос која го држи во својот скут. Св. Богородица седи на царски престол богато декориран со вретенести орнаменти, а од обете нејзини страни се претставени војсководителите на небеските сили – Архангелите Гаврил и Михаил.


-Мора да потенцираме дека се работи за големо откритие за македонската наука, затоа што икони кои се испишани со црковно-словенско писмо со вакви претстави од овој период се ретки. Со ова би рекле науката, или конкретно историјата на уметноста добива уште едно откритие кое пополнува празнина во нашето културно неисцрпно минато, а охридските манастири како што гледате кријат сеуште бесценети уметнички иконописни дела, вели Жура.


Историчарот на уметност Гоце Жура е автор на повеќе научни дела во кој се поместени  бројните истражувања на културното наследство во сакралните објекти во охридско – струшкиот крај и пошироко во Преспа и Албанија, каде заедно со свооте соработници има откриено значајни и раритетни фрески и икони кои се дел од вредното богатство на македонскиот народ и непобитен доказ за неговиот идентитет и култура.

Горан Момироски