Претседателот Стево Пендаровски, по седницата на Советот за безбедност, што се одржа денеска во неговата резиденција на Водно, донесе одлука за продолжување на вонредната состојба во земјата за уште 14 дена.

Имајќи го предвид последниот развој на настаните и зголемениот број на заразени и починати лица, во текот на денешниот ден ќе донесам одлука за прогчасување на нови 14 дена вонредна состојба, која на сила ќе стапи од утре. – изјави по седницата претседателот Пендаровски.

Вонредната состојба има за цел на властите да им овозможи полесно справување со здравствените и социо-економските последици од кризата, и нема никаква корелација со датумот на парламентарните избори што е предмет на договарање во поинаков политички формат и по сосема други комуникациски канали, различни од Советот за безбедност, појасни Пендаровски.

Претседателот упати три пораки – една до граѓаните, една до владата и една до лидерите на политичките партии.

Прво до граѓаните, сакам да им се заблагодарам на огромното мнозинство наши граѓани за тоа што веќе трет месец крајно дисциплинирано и совесно ги почитуваат препораките за заштита на своето здравје и здравјето на своите најблиски. Истовремено сакам да упатам апел до нив, до сите нас, да не се опуштаме и со тоа да ги доведеме во прашање сите позитивни резултати кои ги имавме до сега во борбата против пандемијата. Ние оваа битка сигурно ќе ја добиеме, но, мораме да останеме совесни и одговорни до самиот нејзин крај. – рече Пендаровски.

На владата, претседателот и посочи дека негативните трендови забележани во некои општини не смеат да бидат повод да се враќаат рестриктивните мерки на целата територија и кон сите граѓани.

Надлежните органи и министерства мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, без исклучок, неселективно, сосема независно од нивната етничка и верска припадност. Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат законите, се остава простор за враќања на кризата на самите почетоци и крајно неправедно, заради тоа сите останати треба да ги трпат рестриктивните мерки, иако за сето време ги почитувале и законите и препораките. – порача Претседателот.

На политичките лидери кои учествуваат на т.н. лидерски средби им укажа дека државата нема парламент, постои техничка влада која има лимитирани овластувања, и дека ситуацијата е премногу сериозна. Затоа барам од сите нив да бидат на висина на историската одговорност и да се договорат за датумот на следните парламентарни избори за да добиеме институции со полн капацитет и политички легитимитет. Државата едноставно не може и не смее со месеци да функционира само ако има воведена вонредна состојба, додаде Пендаровски.

OhridNews