Новиот бран на случаи на Ковид 19 во земјата се резултат на непочитување на мерките за заштита, изјави министерот за здрaвство Венко Филипче на заедничката прес коференција со претседателот на Комисијата за заразни болести Караџоски, и директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје Зибери.

Најголем број од заболените се заразени на семејни и слични собири. Полицискиот час викендот дозволи побрзо лоцирање и тестирање на тие контакти. Подобрена е и соработката од граѓаните. Огромен број случаи се асимптоматски. –  рече Филипче.

Тој предупреди дека свадба со стотина гости која се правела во домашни услови кон крајот на месец мај, е потенцијално нов кластер на што во моментов работат епидемиолозите.

Само со почитување на мерките ќе може да се врати во нормала животот во земјата, нагласи Филипче, најавувајќи дека за евентуални нови рестриктивни мерки ќе се разговара на седница на влада во текот на утрешниот ден. Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека во моментов има доволно капацитети во здравствените установи и засега нема опасност од преоптоварување на здравствениот систем.

Министерот останува на ставот дека вирулентноста на вирусот се намалува. Тоа, како што рече, го темелина фактот што најголем број од новозаболените се асимптоматски случаи, а на респиратор во моментов се само 8 пациенти.

Како што истакна епидемиологот д-р Жарко Караџоски, најголем број од заболените се на возраст над 60 години, а просечната старост изнесува 44,8 години, додека во моментов најголем број случаи има помеѓу 50-59 години. Тој рече дека непочитувањето на мерките за заштита како бумеранг ни се удира од глава, додавајќи дека бројките од вториот бран кој се случува сега речиси се изедначени со тие од месец април кога беше пикот на првиот бран.

Караџоски истакна дека во последните 7-10 дена се зголемува бројот на оздравени, но и на активни случаи, додавајќи дека на ниво на држава до 64% од заразените се од познати кластери, а тој процент во Скопје каде има најмногу случаи е околу 90%, односно заболените се од исти семејства.

Ништо во алгоритмот не се има сменето, работиме повеќе на терен и правиме повеќе тестирања. – рече Караџоски.

Според Караџоски дваесеттина проценти од граѓаните се уште сериозно не ги сфаќаат ниту вирусот, ниту мерките за заштита. Тој апелираше до граѓаните сериозно да ја сфатат опасноста и заедно со сите чинители во државата да придонесат за надминување на состојбата, посочувајќи дека е потребно обединување на сите во државата за да се победи пандемијата.

И раководителот на Центарот за јавно здравје – Скопје Зибери упати апел до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита, односно задолжително да носат маска, да ја држат потребната физичка дистанца од 2 метра и да не се групираат.

OhridNews