Реконструкцијата на градскиот кеј во Охрид нема да биде финансирана со средства од Светска банка, неофицијално дознава OhridNews. Банката имаше распишано повик за доделување грантови од областа на туризмот, на кој општината конкурираше со проектот за реконструкција на кејот, но тој не се најде во потесниот избор. Покрај средства од Светска банка за реализација на проектот беше предвидена и контрибуција од општината.

За проектот општината изработи комплетна планска документација, која сега останува да се реализира од други извори.

Проектот предвидува да се опфати должина од еден километар, поточно од градското пристаниште до пред хотел Милениум. Како што информираше неодамна локалната самоуправа на одржаната јавна презентација, истиот предвидува и дополнително навлегување во езерските води од 96 сантиметри. Вкупната вредност на проектот беше проценета на 1,2 милиони евра.

Инаку обиди и ветувања за реконструкција на кејот имаше и од претходната локална самоуправа. Во 2014 година Општина Охрид објави конкурс за избор на идејно архитектонско решение за партерно и хортикултурно уредување на кејот „Македонија“, од градското пристаниште до каналот Студенчишта. Како што беше потенцирано од тогашната градска власт, со новиот изглед на овој дел од градот ќе се придонесе за подобра туристичка промоција на градот. Подоцна беше најавено дека реконструкцијата на кејот ќе започне во септември 2016 година, како дел од еден поширок проект за модерно уредување на потегот од каналот Студенчишта до Горица и кејот од едната страна на каналот до Билјанини извори.

OhridNews

Доколу се одобрат средства реконструкцијата на кејот ќе заврши до јуни 2019

Градскиот кеј ќе добие нов изглед 

Реконструкцијата на градскиот кеј ќе започне во септември?