Единствената сочувана преносна византиска мозаична икона во Македонија – „Исус Христос на престол“ од XIV век, денес за прв пат беше претставена пред јавноста во Галеријата на икони во Охрид, во рамки на одбележувањето на 75 години од основањето на НУ Завод и Музеј – Охрид и чествувањето на 1110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски.
На презентацијата присуствуваше и Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, заедно со претставници на институции, културни работници и бројни посетители.
Пред присутните, кустосот Катерина Велкоска истакна дека станува збор за исклучително редок споменик на византиската уметност, кој ѝ припаѓа на малата група преносни мозаични икони зачувани во светот.
Ова е единствената сочувана мозаична икона од ваков тип во Македонија и припаѓа на ретката категорија на преносни византиски мозаични икони, нагласи Велкоска, посочувајќи дека изработката на вакви дела барала врвно техничко знаење, исклучителна прецизност и употреба на скапи материјали, поради што тие биле достапни само за највисоките слоеви на византиското општество.

Сликата не е само претставена, туку и ‘свети’ преку материјалот од кој е создадена, истакна Велкоска, додавајќи дека токму ова ја прави мозаичната икона уникатно уметничко и духовно сведоштво.
Иконата датира од XIV век, периодот на Палеологовската ренесанса, кога Охрид бил еден од најзначајните духовни и културни центри на православниот свет. Според Велкоска, делото треба да се согледува токму во тој контекст, како сведоштво за високото ниво на уметничките врски на средновековниот Охрид со Константинопол, Солун и останатите центри на Византија.
Посебно беше нагласено дека вакви преносни византиски мозаични икони денес се чуваат само во најзначајните светски музејски колекции, меѓу кои Лувр во Париз, Метрополитен музејот во Њујорк, Боде музејот во Берлин и Византискиот и христијански музеј во Атина, што дополнително ја потврдува вредноста на охридскиот примерок.
Мозаичната икона била откриена во 1960 година во црквата „Св. Богородица Перивлепа“ во Охрид, каде што се пронајдени и фрагменти од мозаичен под од крајот на XIII век. Според истражувањата, најверојатно претставува дар од византискиот војсководец Прогон Згур, ктитор на храмот, кој можеби ја донел од Цариград или Солун.
Велкоска истакна дека ова дело претставува повеќе од музејски експонат.
Во Охрид, градот кој со векови претставувал еден од најзначајните центри на православната духовност и византиската култура на Балканот, оваа ретка мозаична икона претставува уште еден драгоцен доказ за неговото место во историјата на европското и византиското културно наследство, додаде таа.
Единствена во Македонија, реткост и во светски рамки: Охридската мозаична икона „Исус Христос на престол“ повторно пред јавност
Г.М.
Фото: А. Момироска































