Презентирана апликацијата „Мое здравје“ преку која секој граѓанин ќе има увид во податоците за сопственото здравје. Апликацијата е поврзана со системот „Мој термин“, од каде се преземаат сите податоци. Реализирани прегледи кај матичен лекар, специјалистички, лабораториски, дијагностички и болнички упати, рецепти, примени вакцини.

Според министерот за здравство Фатмир Меџити, таа ќе го трансформира начинот со кој управуваме со нашето здравје.

Преку „Мое здравје“ можете лесно да пристапите и да ја истражувате вашата медицинска историја. Оваа апликација ја става моќта на информацијата директно во вашите раце. Она што го издвојува „Мое здравје“ е неговата беспрекорна интеграција со системот „Мој термин“, посочи министерот.

Портпаролката на Министерството за здравство, Берна Шерифовска изјави дека апликацијата ветува подобрување во здравството, односно овозможува лесен, брз и ефикасен пристап до медицинската историја на граѓаните.

„Мое здравје“ ги доближува модерната технологија и важноста за точни, ажурирани податоци на врвот на нашите прсти. Покрај неверојатниот потенцијал на апликацијата, важно е да се потенцира дека посебно внимание е посветено и на безбедноста на податоците, затоа што доверливоста и сигурноста на личните податоци се најважни, нагласи Шерифовска.

Министерот Меџити очекува и од јануари наредната година да функционира еден клинички центар, најверојатно со еден генерален директор, со што би се укинале организациските директори на одделните клиники.

Од првиот ден работам напорно за овој проблем и тој проблем ми е најгорливата мака што сакам да го решам како кабинет, како Министерство да го решиме, еднаш засекогаш да се постават работите како што треба на Клинички и да функционира многу полесно, поадекватно и поефективно да биде. Информацијата е готова, во договор со ФЗОМ, значи почетокот на годината после новата годна и сите пресметки се прават, тогаш и најверојатно се очекува, значи од 1 јануари 2024 да почне да функционира еден клинички центар со генерален директор или како ќе бидат модалитетите за тоа ќе се договориме, одговори министерот на новинарско прашање.

Тој истакна дека целта е пациентите да добиваат подобра здравствена услуга, а и здравствените работници да функционираат полесно.

На новинарско прашање дали тоа значи дека ќе се укинат организациските, или познати и како економски директори, тој одговори потврдно.

Министерот смета дека тогаш ќе се набавуваат работите количествено и со поевтина цена и ќе има подобра соработка меѓу клиниките. Ако се стремиме на тој пат, да одиме кон Европската Унија, како што посочи Меџити, немаме друг пат, „мора ова да се направи еднаш засекогаш здравствено да функционира како што треба“.

Министерот најави и дисперзирање на кадри од Клинички центар низ целата држава.

Не, нови вработувања ќе има. Дефицит на кадар има низ цела држава, посебно средно медицински кадар и ние настојуваме во договор со МФ и со Фондот за здравство, ова веќе да почне да се имплементира и да се случи да има нови вработувања. Значи насекаде имаме дефицит на средно медицински кадар, подвлече тој, одговарајќи на прашањето дали ќе нема нови вработувања.

Тој беше прашан и зошто за нашите македонски доктори, поатрактивно е да заминат и да работат во Хрватска, Словенија, Германија и во други земји.

Ние преземавме многу мерки досега, сме во комуникација со штипскиот, скопскиот и со тетовски факултет за медицина, па и за фармација, за стоматологија ќе стапиме во контакт, ќе направиме една програма. Кога ќе бидат овие студенти шеста година, да се знае точно од кое место доаѓа, од кој град доаѓа и кое ќе му биде работното место во иднина, информираше Меџити меѓу другото.

OhridNews