На свечена церемонија на која се одбележаа 35 години од формирањето на Охридската академија на хуманизмот во Kуќата на Уранија пред државниот врв, екселенции и светската културна елита беа доделени Светската награда за хуманизам на проф. д- р Кристоф Бенедиктер и Повелбата на хуманизмот на Архиепископот  Охридски и Македонски г.г. Стефан по повод 40 години од неговото замонашување.

Пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков кој ги врачи високите награди на годинашните добитници.

Три и пол децении Охридската академија на хуманизмот неуморно ја чува, негува и надградува идејата дека хуманизмот не е само апстрактен филозофски концепт, туку жива насушна потреба за опстанок и напредок на човештвото. Во свет исполнет со брзи промени, глобални предизвици и немири, академијата постојано не потсетува на она што е најсуштински: сочувството, дијалогот, меѓусебното почитување и негувањето на доброто во човекот. Токму во овој дух, кога го празнуваме и воздигнуваме името на Климент Охридски, имам особена чест и привилегија да ја врачам Светската награда за хуманизам  на д-р Кристоф Бенедиктер. Неговиот долгогодишен научен, филозофски и општествен ангажман е сјаен пример за тоа како вистинскиот интелектуален капацитет и знаење се ставаат во службаа на целото општество. Со својата посветеност кон глобалната солидарност, етиката и општото добро, д-р Бенедиктер дава непроценлив придонес кон зачувувањето и промоцијата на хуманистичките идеали во современиот свет, рече Пецаков.

Со ова високо признание д-р Бенедиктер, посочи, станува дел од плејадата истакнати светски мислители  и хуманисти чие име засекогаш е запишано во духовната мапа на Охрид.

Признанието, како што рече самиот Бенедиктер, претставува наследство на повеќе од 1.100-годишната духовна и интелектуална традиција на Охрид, поврзувајќи ја современата Академија со делото на Свети Климент и Свети Наум.

Охрид е едно од оние ретки места каде што творечките и научните умови процветале низ многу генерации и епохи и продолжуваат да го прават тоа и денес. Овој град поседува посебна аура која му овозможува на духот и културата да опстојуваат и повторно да се раѓаат, рече тој.

Тој предупреди дека човештвото денес располага со огромна научна и технолошка моќ, но истовремено се соочува со сериозни опасности, меѓу кои климатските промени и вештачката интелигенција.

На настанот пригодно обраќање имаше и Г.Г. Стефан кому му беше врачена Повелбата за хуманизмот по повод 40-годишнината од неговото замонашување.

Заблагодарувајќи се за признанието, архиепископот Стефан пред присутните потсети дека неговото замонашување се случило во 1986 година, на празникот на Свети Наум, за по 40 години признанието да му биде врачено повторно на празник посветен на светителите и просветителите.

Никому ништо во живот не му се случува случајно. Да се замонашиш на Свети Наум, а признание да добиеш на Свети Климент и на празникот на Светите Седмочисленици, како што ги именуваме Светите браќа Методиј и Кирил, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, се личности директно основоположници, не само кај нас, туку и кај многу други народи, на хуманоста, а не на човекоубивањето, рече архиепископот Стефан.

Го истакна делото на светителите, за кое нагласи дека ја претставува самата суштина на хуманизмот – помагање на другиот и на народите.

Нивното дело, нивната активност е всушност хуманизмот, помагање на другиот, помагање на народите, порача г.г. Стефан.

Изрази благодарност до верниот народ и до членовите на Светиот архиерејски синод за, како што рече, постигнатото во изминатите години, особено за обновувањето на автокефалниот статус на Македонската православна црква Охридска архиепископија и воспоставувањето релации со поголемиот дел од православните народи и цркви.

OhridNews