Бројот на жртви во силниот земјотрес што денеска ја погоди западна Колумбија продолжува да расте. Според најновите информации на светските агенции, најмалку 77 лица загинаа, а спасувачките екипи продолжуваат со пребарување на урнатините во најпогодените области.

Најтешка е состојбата во областа Рисаралда, каде се потврдени 42 жртви. Значителни оштетувања се регистрирани во Переира, Кали, Манисалес и Буенавентура, каде има урнати објекти и лица затрупани под урнатините.


Во спасувачките операции се вклучуваат дополнителни екипи од Богота и Меделин, додека колумбиските воздухопловни власти привремено го прекинаа сообраќајот на неколку регионални аеродроми поради проверки на можни оштетувања на инфраструктурата.

Земјотресот беше со магнитуда од 7,4 степени, а според Американскиот геолошки институт – USGS, епицентарот бил на околу пет километри источно од Сан Хосе дел Палмар, на длабочина од 107 километри.

Силниот потрес бил почувствуван во голем дел од Колумбија, а по главниот удар биле регистрирани и последователни потреси.

Спасувачките операции и проценката на штетите продолжуваат, поради што билансот на жртвите сè уште не е конечен.

OhridNews