Во последните три учебни години просечно се пријавуваат по околу 50 случаи на врсничко насилство годишно во училиштата. Бројот на пријавени случаи покажува дека обемот на насилството не расте, но загрижува фактот што расте бруталноста во дел од пријавените случаи.  Анализите покажуваат дека една од главните причини за врсничкото насилство е семејното насилство, како и недостигот од соодветна грижа за децата во дел од семејствата. Во превенцијата на насилството потребен е системски пристап. Ова беше посочено на дискусијата на тема „Меѓуврсничко насилство и вандализам: Млади, училишта и дигитален простор“ организирана од Советот за млади кој работи под покровителство на претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, одржана денес во Охрид.

Институциите на централно ниво, со поддршка на локалните самоуправи, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери, ги зајакнуваат и превентивните и казнените механизми. Со законски измени од минатата година се задолжени училиштата во своите годишни програми да планираат активности за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слично. Ги зајакнуваме и стручните служби преку ангажирање кадар таму каде што недостига. Во собраниска процедура се законски измени со кои се предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиштето, но и за родителите кои одбиваат да соработуваат со училишните служби, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Посочи дека заедно со МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Комората на психолози, неодамна започнале иницијатива за надградба на компетенциите на училишните психолози и наставници за препознавање семејно насилство и занемарување преку однесувањето на децата и спречување на нивна понатамошна трансформација во насилство насочено кон врсниците.

Се реализираат и директни средби со наставниците и родителите на учениците. Досега се посетени околу 30 општини, а активноста ќе продолжи и кон крајот на месецов. Младите треба да го менуваат светот, а тоа е можно само преку промена на начинот на размислување и однесување. Мојата порака до нив е да укажуваат, да спречуваат обиди за булинг, да пријавуваат насилство, да помагаат и да ги прифаќаат вистинските вредности – почитта, толеранцијата, единството и солидарноста, додаде Јаневска.

Зборувајќи за влијанието на насилството во современото општество, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова посочи дека неговото постојано присуство во животот, пренесено преку војните, медиумите, филмовите и дигиталниот простор го менува начинот на кој луѓето го доживуваат насилството.

Осврнувајќи се на често употребуваната порака дека иднината им припаѓа на младите, таа посочи дека таквата формулација не смее да значи занемарување на нивната сегашност и активна улога во општеството.

Јас понекогаш велам дека можеби ние возрасните, само заради таа фраза „на младите им припаѓа иднината“, ја осиромашуваме сегашноста. Земете ја сегашноста, ако сакате да влијаете врз иднината. Затоа вклучувањето во процесот на одлучување на младите, не само во Собранието, на сите нивоа, во училиштата, е важно, порача Сиљановска-Давкова.

Нагласи дека борбата против насилството не може да се сведе само на статистики, бидејќи зад секој случај стои конкретна личност, со чувства, желби и достоинство. Во тој контекст ја истакна важноста на непосредното дружење и човечкиот контакт, особено во време кога значаен дел од комуникацијата на младите се одвива во дигиталниот простор.

Сиљановска-Давкова зборуваше и за вербалното насилство и за влијанието на говорот врз младите, посочувајќи дека навредите, омаловажувањето и нетолеранцијата се форми на насилство што често се потценуваат. Таа истакна дека однесувањето во виртуелниот простор може да биде поинакво од однесувањето кај младите кога се во непосредниот контакт.

Наместо создавање култура во која насилството се прифаќа како начин на комуникација и решавање конфликти, потребно е младите да се учат на љубов, почитување и ненасилно однесување.

Во превенцијата на насилството, според Сиљановска-Давкова, потребен е системски пристап кој ќе ги вклучи образованието, културата, музиката, филмот, драмата и спортот.

Мораме систем да создадеме. Сите треба да се активираме за да градиме култура на разбирање, мировна култура, наместо култура на страв. Спорт, музика, култура, активност – нема поважни средства за ангажирање и, ако сакате, за демилитаризација на мислите кои што се присутни на мрежите или, ако сакате, за миротворство, додаде Сиљановска-Давкова.

Инаку, денешната дискусија беше организирана во пресрет на одбележувањето на 12 Август – Меѓународниот ден на младите.

OhridNews