Шест членови од Планинаското друштво Трансверзалец ја продолжија традицијата поминувајќи ја пеш Западната македонска трансверзала (ЗТМ) долга 240 километри за девет денови. Експедицијата на почетокот броела десет членови, а во Извидничкиот центар во Охрид здрави, живи и среќни после големиот успех пристигнаа шест планинари (Крумислав Јововски, Мијајлчо Божиновски, Соња Манчевска, Славчо Смилевски, Емилија Трпчевска и Катица Милошевска).

  • Кога веќе пристигнавме здрави и живо во Охрид можеме да кажеме дека Западната македонска трансверзала ја поминавме успешно. Заедно поминавме девет неверојатни денови и за мене лично ова преставуваме огромен успех, бидејќи како што кажува другарот Зоран Тодоровски оваа трансверзала е круна на планинарството во нашата земја. Планината е непредлива, а особено Шар планина која секогаш знае да изненади. Овој пат непријатно не изненади времето, кое, воопшто не одеше во наш прилог. Првите три денови имавме силен ветар кој достигнуваше до 70 километри на час, густа малга, дожд, град и грмотовеци од сите страни. И во текот на одењето моравме да бараме суво засолниште за да ги зачуваме ранците и намирниците од влага. По стабилизирањето на времето продолживме со одење и уживавме во секој момент поминат на планина. Необични случки и средби на планината има секогаш. Сретнавме една змија „Шарка“, разно разни животни, кои, ја прават планината уникатна. – рече Крумислав Јововски кој прв пат ја поминува Западната македонска транверзала.

Временските услови не биле на страна од планинарите и со многу тешкотии ја започнале турата која за прв пат е помината далечната 1974 година. И тогаш и сега дел од експедицијата беше Мијајлчо Божиновски. – Рутата е иста и не се поместува или променува ниту милиметар, а се зависи од временските услови и подготвеноста на планинарите. Овој пат морам да ги пофалам планинарите, затоа што издржаа и не се откажаа покрај лошиот почеток. Временските услови воопшто не` не посакаа на стартот, но како што одминуваа деновите така се поправаше и времето. За успех односно за поминување на оваа трансверзала треба екипата да биде компактна. Кризи мора да има и секој мора да биде трпелив кога еден друг се зборува со повисок тон, бидејќи само така твојот другар ќе ја надмине кризата и ќе продолжи понатаму.

Соња Манчевска беше една од трите девојки кои се појавија на финишот во Охрид. За Соња ова е второ искуство, откако минатата година за прв пат ја помина ЗТМ. Таа откри дека потребна е љубов кон планината, а исто така треба да се има голема желба и силни мотиви.

  • Потребна е голема љубов кон планината и физичка и психичка максимална подготвеност. Треба да се откажеш од секојдневните рутини и да одиш во планина, каде што цивилизацијата е сведена на минимум и планината тие најдобар другар. Според мене ЗМТ е најдобра планинарска тура во Македонија и секој кој се бави со планинарство треба да ја помине. Јас на самиот почеток од турата се сомневам дека ќе успеам, но ете ме во Охрид на крајот од ЗМТ. Мотив на стартот ми даваше моето родно место Маврово, а потоа и другите места од каде што сум родум. Во се` треба да најдеш мотив и желба, бидејќи без овие два фактори колку и да си подготвен не тргнувај на планина. – потенцираше Манчевска.

Петти пат во континуитет се поминува турата, а минатата година успешно ја завршија 22 планинари што преставува рекорд.

Мх.П.