Пишува: Тина Васков – клинички невропсихолог „
КОГНИЦИЈА“ центар за невропсихологија, психотерапија и психологија

Недостаток на внимание е во последно време многу „популарен“ термин во кругот на родителите, наставниците и стручните лица… Често претставува оправдување за децата што имаат способности, но немаат волја и мотивација.

Вниманието претставува способност за насочување на менталните активности на одредени дразби! Зошто е важно? Од вниманието зависи колку ќе бидеме свесни за себе и за светот кој нè опкружува. Вниманието претставува канал за комуникација меѓу нашата свест и надворешниот свет.

Концентрацијата всушност ја претставува суштината на вниманието!

Луѓето се разликуваат по способноста за задржување на вниманието… Што се случува со содржините на кои не го посветуваме вниманието? Тие остануваат надвор од нашата свест и на тој начин за нас едноставно не постојат. Ова е и причината зошто вниманието е најчест „виновник“ за училишните тешкотии на децата.

Со возраста се зголемува времетраењето на насочување на вниманието. На возраст од 6 до 11 години времетраењето на насочено внимание е околу 30-40 мин. Што се однесува до можноста да се игнорираат останатите дразби од примарната дразба, карактеристично е тоа што колку се децата помали, толку повеќе се задржуваат на неважни аспекти. Планираното насочување на вниманието е вештина која се учи низ годините, па така на помала возраст детето ќе споредува две слики набљудувајќи ги без план, додека на постара возраст ќе споредува една по една поединост на сликите.
На што посветуваме внимание?

На познати дразби, на необични дразби, на интересни дразби. Препорака до нас возрасните: ако содржините кои се „здодевни” ги комбинираме со некој од наведените законитости, ја зголемуваме веројатноста за насочено внимание, а со тоа и веројаноста нашето дете да го запомни она што дотогаш не било интересно!

Што е недостаток на внимание, а што нарушување?

Недостаток на внимание е во последно време многу „популарен“ термин во кругот на родителите, наставниците и стручните лица… Често претставува оправдување за децата кои имаат способности, но немаат волја и мотивација. Причини за недостаток на внимание има многу: занемарување на образовните потреби на детето, недоволна помош, неподготвеност, несоодветно воспитување, семејно насилство, емоционални проблеми и трауми, страв, замор, здодевност…
Нарушувањето на вниманието се случува често заради забавено созревање на одделни центри во мозокот или нивна недоволна меѓусебна поврзаност, наследни фактори, може да биде последица на различни заболувања… Се воочува пред 7. година, преку симптоми кои траат во континуитет најмалку 6 месеци… Ваквото нарушување на вниманието често е проследено со нарушување во поведението, со симптоми на импулсивност, со дезориентација во време и сл….

Како можат да помогнат родителите и наставниците?

– Со воведување на необични и неочекувани соржини – на пр. на часот по мајчин јазик да се воведе музика, запознавањето на природата и општеството да се изведува во надворешна средина…
– Со употреба и менување на различни активности – цртање, пишување, заедничко барање на податоци, подвлекување…
– Со користење на телесни вежби кога ќе почне да попушта вниманието…
– Да им ја доближиме и појасниме користа од учење на наставните содржини.
– Формирање на корисни навики: сами да го подготвуваат училишниот прибор, да учат на исто место во ист период од денот, легнување и станување во исто време…
– Да се упатат на методите на учење: одвојување на важно од неважно, повторување, самостојно раскажување…
– Одобрување и охрабрување на успехот.
– Играње.
– Доследност во спроведување на правила: предвидлива околина.

Што може да помогне во подобрување на вниманието?

Колку што е играта помирна и структурирана, толку повеќе се тренира вниманието. Сложувалки, цртање, работа со пластелин, глина, боење… Лавиринт, компјутерски игри (на пр. лумозити)… Моторни структурирани игри, спорт, танц… Барање на скриени ликови, барање разлики на слични слики… Собирање слики, салвети…

Текстот е објавен во магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм